„Тетекс Јарн“ по седуммесечен прекин на производството и активна стечајна постапка е рестартиран и започна со пробно производство. Компанијата ќе работи со новото име „Тетекс Јарн груп“, а веќе ангажираше 50 работници од претходната фирма. Собранието на доверители ја прифатило определбата на тројца најголеми доверители кои побарувале 2,2 милиона евра, а ги трансформирале како свој влог за основачки капитал. „Тетекс Јарн“ како претходна фирма е бришана од Централниот регистар, а како основачи на новата фирма се јавуваат „Светол“ од Бугарија, „Даниел транс - делта“, од Тетово и „Транс шпед - Вито“ од Скопје. За пет месеци стечаен период, направивме неколку финансиски анализи со технолошките можности.
„Тетекс Јарн“ по седуммесечен прекин на производството и активна стечајна постапка е рестартиран и започна со пробно производство.
Компанијата ќе работи со новото име „Тетекс Јарн груп“, а веќе ангажираше 50 работници од претходната фирма. Собранието на доверители ја прифатило определбата на тројца најголеми доверители кои побарувале 2,2 милиона евра, а ги трансформирале како свој влог за основачки капитал. „Тетекс Јарн“ како претходна фирма е бришана од Централниот регистар, а како основачи на новата фирма се јавуваат „Светол“ од Бугарија, „Даниел транс - делта“, од Тетово и „Транс шпед - Вито“ од Скопје.
„За пет месеци стечаен период, направивме неколку финансиски анализи со технолошките можности. Имавме уверување дека преку вистински активен стечај ќе дојдеме до целта да ја рестартираме фирмата, прифаќајќи определба за ново име. Нашиот оптимизам се должеше на тоа што ова беше единствена фирма на Балканот за преработка на волна, а токму тоа беше една од гаранциите дека ќе успееме“, вели Агрон Арифи, дипломиран економист од Тетово, доскорешен стечаен управител.
Според Арифи, пробното производство само ги потврдило определбите и оптимизмот. Иако е стартувано со 50 работници од претходното здружено претпријатие, веќе од 1 март оваа бројка ќе биде двојно поголема. Кадарот се црпи од отпуштените, околу 270 работници, кои по затворањето на „Тетекс Јарн“ неколку месеци седеа дома без работа. „Најмногу се плашевме од состојбата во која ќе го најдеме машинскиот парк. За наша среќа, немаше поголеми дефекти. Извршени беа само мали поправки на некои од машините, кои веќе се рестартирани“, дообјаснува Арифи.
Работниците од претходната веќе збришана фирма „Тетекс Јарн“ очекуваат постепено враќање на своите работни места. Ангажираните за пробно производство се презадоволни од рестартот. Се надеваат дека ќе им бидат исплатени и побарувањата од шест плати, кои доверителите како долг го прифатиле. Соосновачите на новата фирма се обврзале во наредните четири години сукцесивно во рати да им го исплатат долгот на работниците.
„Тетекс Јарн“ беше формиран пред пет години, како здружен капитал на компанијата „Тетекс“ од Тетово и две фирми од Норвешка. Поради лошо менаџирање, особено во 2010 година, и со разните манипулации, здружената фирма се најде во незавидна состојба, големи долгови, а работниците својот револт го изразуваа со јавни протести.